Ана Бунтеска: Прекривка од зборови...

Добивај вести на Viber

Сакам да ги изблујам сите зборови,

само да ја отворам устата и да излезат,

онака..без некој особен ред и смисол,

само да ги испразнам од утробава,

да ми олесни...да дишам без бол.

Потоа да ги соберам,

да ги ставам во еден широк сад,

да ги покријам одозгора оти се немирни,

цврсто да ги држам за да се скротат,

оти знаат и по ќошиња да се кријат.

Откако ќе стивне вревата,

откако ќе се смираат и ќе престанат да се туркаат меѓусебе,

ќе ги отскријам и ќе им пуштам силна светлина...

Некои ќе подзамижуваат,

некои ширум ќе се ококорат,

некои нема ниту да ја приметат светлината...

Ќе ги нурнам рацете во нив,

полека ќе ги вадам....еден по еден,

внимателно... оти кревки се,

нежно...оти од душава исцедени се,

ќе ги наредам во низа,

ќе ги наредам како златни парички на врат на невеста,

еден  до друг...како тешки, златни парички

и ќе ги одберам...

Не,

не најубавите,

нема можеби да бидат ниту најсветливите...

Но...

ќе бидат токму оние кои сакав да ти ги кажам,

кои ми запираа некаде во висина на срцето,

кои никако не можев да ги изговорам.

Ќе бидат можеби смешни,

бесмислени,

треперливи,

но...ќе бидат мои...

ќе бидат за тебе...

ќе бидат се’ што не знаев  да кажам,

ќе бидат мојата желба по тебе,

твојот мирис во мене.

Ќе ти направам прекривка од зборови,

оти не умеам да ги изговорам...

не умеам да кажам ниту едно проклето...

...............................................


За Женски Магазин, Ана Бунтеска