Ана Бунтеска: Пресликување
Се пресликавме еден во друг
Чиниш душите исти ни станаа
Та во огледалото меѓу нас
Една во друга се пулат
Со тивка страст која разјадува
И од која телата ни патат
Се пресликавме за да ни останат сеќавањата
И секогаш да се потсетиме кои сме
Во сликата на оној другиот
Кој од карши молкум ни се насмевнува
Та некогаш уплав ме фаќа
Да не ни напукне магијата
Или да не ни се замати виделото
Се пресликавме од љубов
Барем така си рековме еден на друг
Како утеха да баравме
Или барем малку вистината да ја одложиме
За во некое друго време
Во кое нема да ни биде шубе
Да си признаеме оти од немоќ се засакавме
Се пресликавме
Толку умешно и прецизно
Како да сакавме да побегнеме од самотијата
Или неа од себе да ја отселиме
Без многу да му ја мислиме
Без да знаеме оти таа патот ќе си го најде
И во секој од нас ќе се одомаќини
Без да сетиме и без да знаеме
Си ги облепивме умовите со приказна за среќа
Во која и двајцата не веруваме
Си ги завиткавме срцата во светликава хартија
Која се поткина таман за да ни излези црнилото
Си ги поткастривме соништата како градинари
Кои отпосле гледаат оти засекле отповеќе
Се прелажавме во пресликувањето
Не само јас тебе
И не само ти мене
Туку сама на себе си продадов ветер и магла
И сам на себе си послужи лага во кристално чинивче
Та сега се шуткаме наваму-натаму
И никаде не не’ собира
Никаде местото не си го наоѓаме
Заробени во скапоцена рамка
Со лажен сјај и полирано стакло
Во кое душите во синџири ни седат
И зачудено една во друга се џарат
Без излез
Без крај
Без љубов
За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска