Ана Бунтеска: Приказна за еден сон
Не спијам, одамна ме мачат несоници,
талкам низ куќа, книгите ги прередувам,
неретко чистам или пак печам колачиња,
читам и пишувам како животот од тоа да ми зависи,
а понекогаш само седам на прозорец и го чекам утрото.
Соништата ме одминуваат,
не знам, можеби сум отсонувала она што требало,
или пак, ноќните филмови ми се збуниле,
па отишле кај некој друг,
некој кој повеќе знае да им се радува.
И не сум сигурна дали тоа ми се допаѓа или не,
дали ме плаши бдеењето во ноќите,
или ми носи некакво олеснување,
оти искрена да бидам имав повеќе кошмари,
од кои се будев со вресоци или препотена.
Некогаш ми недостасува да заспијам мирно и спокојно,
стуткана в кревет, покриена добро (оти сум зиморлива),
да си делувам сугестивно дека ќе отсонувам нешто убаво,
па да се разбудам следното утро со насмевка,
со чувство дека ете, денот ќе почне убаво.
Но не, се вртам и превртувам,
се покривам и отскривам, го туткам ќебето под себе,
издишувам нервозно, палам светло,
ѕенѕам, пијам вода и јадам, пуштам музика,
го вртам денот во мислите безброј пати.
И така трае тоа со ноќи,
до потполно себеисцрпување, црвени очи и умор,
испишани страници кои потем ги кинам,
чувство на бестелесност и лебдење,
додека телото за сон ми плаче.
И токму тогаш кога помислувам дека нема крај агонијата,
заспивам без да сетам кога и како,
па од умор не знам дали нешто сум отсонувала,
или пак е само тонење во друга димензија,
во која сите сеќавања ми се бришат.
А помислив, ете така само помислив,
дека покрај тебе ќе можев да легнам,
да се одморам од се’ и од себе дури,
да здивнам од умор и неспиење,
да го пикнам носот во твојот врат и да те вдишам.
Ете, да се посака не е грев, барем така ми се чини,
дека не беше грев да сакам еден сон покрај тебе да отсонувам,
да се разбудам сабајлината мушната сета во тебе,
со насмев и мирис на љубов во душава,
и раце полни среќа од убави мисли.
Во градиве уште ми тлее желбата,
во мисливе имам спремено приказна за добра ноќ,
во срцево постелата за двајца ми е наместена,
само уште ти ми фалиш, ете уште ти ми требаш,
за мојот никогаш до сега отсонуван сон.
За Женски Магазин, Ана Бунтеска