Ана Бунтеска: Проклети болки има
Спокој
Само спокој чоек да има
И на овој и на оној свет
Мирот да си го најди
Да можи да издиши
И болка при земање здив да нема
Оти има болки кои од телото не се
Ете...и такви болки има
Кога телото здраво е и крепи
Кожата оптегната и мазна
И силни коски кои не вијат
Дури ни при промена на време
Ама пусто има болки
Проклети болки има
Кои од други животи си ги носиме
И кои на душа се напластиле
Та ти се чини оти наместо срце
Дупка во градите имаш
И во неа збираш сѐ што твое не е
Туѓи пцости
Туѓи дела и злодела
Туѓи гревови и тежини
И пикаш внатре ко во бездна
И голташ јадови
Од кои само угоре горчина ти се крева
Дур не почни да прелева
Дур на чоек не му препукне внатре
И да се излие ко надојдена река
Да се урне ко лавина сред зима
Ете такви болки има
Од кои ништо не те боли
А однатре се распаѓаш
Болки од кои телото
На смртта в лице ѝ се смее
Ама душата страда за спокој
Кој никако да го најде
И никако да го заживее
Ете такви болки
Такви проклети болки има
Кои јадат
Кои дробат
Кои ко свеќа те топат
Такви болки
Од кои чоек само во спомени ќе остани
Поштеден од бол...од бол и заборав
За Женски магазин, Ана Бунтеска