Ана Бунтеска: Проколната иднина

Добивај вести на Viber

Си ја проколнавме иднината

стокмивме ветар и магла

сервирани во златни чинивчиња

небаре на гозба сме

како да ќе имаме за најаска

та се преправаме дека вкусно ни е

боцкајќи по празен тањир

џвакајќи си го јазикот во устите

дур не ни се раскрвари

дур не си го проголтаме чемерот

кој со векови во грлата ни стои.

Со наместени насмевки

си го вечераме минатото

правејќи се глуви кога цревата ни свират од глад

правејќи се слепи  пред ништото на трпезата

на која ја распославме сегашноста

чиј мирис е како после пораз

во кој се обидуваме победа да видиме

и како улави муабетиме за времето

дали сончево ќе е или дождот ќе нè нагости

без да знаеме дали ноќ или ден е

криејќи си го образот зад спуштените ќепенци.

Си ги проколнавме поколенијата

во мигот кога плукнавме на гробовите на претците

криејќи им ги имињата на плочите надгробни

оставајќи ги да обраснат во плевел

без ниту свеќа да им запалиме

и за душата нивна да раздадеме

чунки адетот таков е од дамнина

душа од душа да нараниш

за да им се сочува споменот

и името да не им се заборави

на оние чие презиме носиме.

Јалово е дрвото семејно

на кое лисјата му се изронети

и гранките поткршени од рака човечка

за никогаш да не зазелени и род да не даде

јалова е сегашноста во која молкот нè изеде

јалова ни е иднината без минатото.


За Женски Магазин, Ана Бунтеска