Ана Бунтеска: Пушти го Ана, само пушти го
“пушти го, од себе пушти го,
нека замини, ослободи се
само пушти го Ана”
ете така велат
дури и оние кои не ме знаат
а плачат со мене за тебе
а јас пак
колку и да се обидувам не можам да те објаснам
и не знам како да им кажам оти те пуштив
и ниту со прст мрднав за да те задржам
оти врата ширум ти отворив
и сите прозорци за да изветрееш
ама пусто, така не бивало
и еве
не само 40 дена
туку и година измина од нашата љубов
а видиш
не знам дури ниту љубов дали беше
или нешто што само потсетуваше на неа
ама не си одиш
или можеби и јас навистина не сум те пуштила
па грчевито се држам за твојот мирис
кој и во толпата (како добро издресиран пес) го барам
а го нема, те нема
а не дека ми е лошо сама
и не дека самувам како порано
зборувам
замисли, зборувам и со непознати
имам нови пријатели
ќерка ми расте и и’ се радувам
а смеењето веќе не ми е чудно
ама има еден чуден одек во мене
како кога сам на планина ќе се качиш
и силно ќе викнеш
та ечи
и слушаш како звукот се удира од карпите
ете така внатре ми е
врескам и се слушам
се слушам уште долго потоа
и не
не те плачам
иако пуштив солза-две на промоцијата
ама не те плачам
и не знам дали ќе можам некогаш во солзи да те удавам
оти во лутината не ми успеа
а можеби и ми е страв
дека ако те исплачам, ќе ми минеш
па те стискам во себе
како спомен
како мирис кој е повеќе мој отколку твој
како вкус кој ниту со вино се одмива
те држам и не сум те пуштила
ете, плачот до грло ќе ми дојде
и ќе те проголтам
за уште малку да ми траеш
да не те заборавам
во срцево да не те погребам
не
не сум те пуштила
и ко што ми се чини крајот не се гледа
а би сакала да можам
и себе и тебе да не’ ослободам
од оваа љубов која како јаже вратот ми го стега
и не ми дава да дишам
од оваа љубов која којзнае дали љубов беше
од оваа љубов која боли
уште исто ме боли
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Фото: Стојан Стојановски