Ана Бунтеска: „пушти го Ана, само пушти го“

Добивај вести на Viber

„Пушти го, од себе пушти го,

нека замине, ослободи се

само пушти го Ана“

ете така велат

дури и оние кои не ме знаат

а плачат со мене за тебе

а јас пак

колку и да се обидувам не можам да те објаснам

и не знам како да им кажам оти те пуштив

и ниту со прст мрднав за да те задржам

оти врата ширум ти отворив

и сите прозорци за да изветрееш

ама пусто, така не бивало

и еве

не само 40 дена

туку и година измина од нашата љубов

а гледаш

не знам дури ниту љубов дали беше

или нешто што само потсетуваше на неа

ама не си одиш

или можеби и јас навистина не сум те пуштила

па грчевито се држам за твојот мирис

кој и во толпата (како добро издресиран пес) го барам

а го нема, те нема

а не дека ми е лошо сама

и не дека самувам како порано

зборувам

замисли, зборувам и со непознати

имам нови пријатели

ќерка ми расте и ѝ се радувам

а смеењето веќе не ми е чудно

ама има еден чуден одек во мене

како кога сам на планина ќе се качиш

и силно ќе викнеш

та ечи

и слушаш како звукот се удира од карпите

ете така внатре ми е

врескам и се слушам

се слушам уште долго потоа

и не

не те плачам

и не знам дали ќе можам некогаш во солзи

да те удавам

оти во лутината не ми успеа

а можеби и ми е страв

дека ако те исплачам, ќе ми минеш

па те стискам во себе

како спомен

како мирис кој е повеќе мој отколку твој

како вкус кој ниту со вино се одмива

те држам и не сум те пуштила

ете, плачот до грло ќе ми дојде

и ќе те проголтам

уште малку за да ми траеш

да не те заборавам

во срцево да не те погребам

не

не сум те пуштила

и како што ми се чини крајот не се гледа

а би сакала да можам

и себе и тебе да нѐ ослободам

од оваа љубов која како јаже вратот ми го стега

и не ми дава да дишам

од оваа љубов која којзнае дали љубов беше

од оваа љубов која боли


За женски магазин, поетесата Ана Бунтеска