Изострено перо // Поезија
Ана Бунтеска: Раѓање на тишината
Сите зборови кои ги чував за тебе,
ќе ги однесам со себе....
Во тишина ќе ги завиткам,
за да им биде топло и меко,
оти ги љубам како од утроба да сум ги извадила,
ме болеа дур ја кинев папочната врвка,
кога се корнеа од мене ги гледав,
и крварев додека ги доев со љубов и боев со светлина.
И знам...
Знам да живеам во молк,
и да љубам така знам,
во молк знам да се претворам...
Молкот е погласен од сите пискотници,
помоќен од сите солзи...
Создаден од неизговорени тајни,
преживеани стравови,
изгризани соништа,
блудни ноќи,
свежи утра,
надеж...
Ти ја давам тишината околу мене,
земи ја... никогаш не била побогата...
Внатре се сите....
сите мои неизговорени зборови,
сиот мој молк....
сиот мој бол.
За Женски Магазин, Ана Бунтеска