Ана Бунтеска: Распнување
Распни ме на желба...
одбери една, твоја нека е, скриена...
замисли ја убаво,
не лутај со мислите,
сконцентрирај се и искрено посакај ја.
Да?! Сигурен си?
Сигурен си дека е токму таа, вистинската желба?
Во ред...
Сега...
заковај ми ги рацете и нозете,
земи клинци,
од оние најголемите, да крепат...
Замавни со чеканот
и не подзамижувај,
не биди гадлив,
јас сум добро воспитана,
никогаш не крварам во јавност!
Впрочем,
крвта ја чувам во епрувети,
низ неа сирени пливаат,
долгокоси и црвенокоси,
со златни крлушки, но безгласни,
усните им се зашиени,
проклети да се...од плач занемеа.
Сега оддалечи се малку,
убаво погледни ме и...
Раскажи ми што гледаш,
или пак не...
доближи се,
ќе ти раскажам што гледам јас во твоите очи.
Страв!!!
страв ти е од мене,
од мојата распната голотија,
од големите клинци кои штрчат од моите дланки и стапала,
кои скоро безобразно те потсетуваат на твојата слабост.
Нејсе...
Тргни го погледот од нив,
погледни ме во лицето.
Ах...
да...еве ме,
во твоите зеници ликот ми е бел како сениште,
со очи полни болка
и усни кои пливаат во клетви.
Не бегај...земи света вода,
земи доволно,
земи како кога го измиваш лицето наутро...
Фрли ја накај мене...
Џишшшшшшшш...хахахахахахахаха,
се шегувам,
а зарем навистина мислеше дека ќе горам?!
Па мене ми е одамна душата пеплосана,
наместо дечиња, ќумурчиња носам,
телото не ми гори...ниту крвари...ниту пак боли...
А сега тргни го погледот од мене,
не сакам повеќе да гледам...
ниту себе...ниту тебе...
ми треба одмор,
малку сон,
малку лажен мир...
до следното распнување...во себе.
За Женски Магазин, Ана Бунтеска