Ана Бунтеска: Разгалување
Да те разгали ко дете
Душата да ти распее од среќа
Чунки птици чуваш во себе
Расцрцорени во ист ритам
Та да ти се разлета во градите песна
Од која утрата ќе зазорат
И со насмев да го дочекаш денот кој се буди
Да те разгали
Ко дете да те разгали
Со збор од кој в зима
И мразот ќе се растопи
Та езерце мало да се стори
Во кое ќе се огледаш
За да си го засакаш сјајот в очи
Да те разгали
Како што никој досега не успеал
И од тебе само убост да извади
За која си заборавила дека ја имаш
Или која потисната во тебе била
Од ноќи кога без сон си бдеела
Заради некој кој со нељубов те хранел
Да те разгали
Дозволи му да те разгали
Без многу да му ја мислиш
Без страв дека на срце лузна повторно ќе носиш
Та не давај вербата џенем да фати
Оти таа ако ја пуштиш далеку од себе
Патот до тебе ќе го заборави за навек
Разгали се
Самата себе разгали се
И дај си љубов да се надишиш
Та од здивот твој
Преку бакнеж и нему дај му ја
За да ви заживее топлината
Како огниште во дом стокмен за двајца
Разгали се драга моја
И дај му да те разгали до небеса
А потем и ти него разгали го
Оти денес тешко чоек има
Кому срцето можеш да му го дадеш
И пред него снага да распостелиш
Без сомнеж, без двоумење
Разгали се со мисла
Од која телото ќе ти трепери
Оти чоек без чоек до себе
Е само половинка осамена
И за ништо не го бива
Ни за радост, ни за тага кадарен е
Освен за живот кој најмалку живот е
Разгали се
Оти времето кусо е
А и тоа за нас многу време нема
Та староста полна мудрост нека биде
Со залечени грешки што младоста ги дала
Рака в рака со оној чија љубов лесна ко пердув ќе е
Онаа која ќе гали...која ќе ве разгали