Ана Бунтеска: Решивме да си кажеме збогум
Решивме да си кажеме збогум
Ко разумни луѓе
Достоинствени и спастрени
Со оладени глави и смирени мисли
Здрвени во телата
И замрзнати насмевки
Седнати на маса
Со празни чинии пред себе
И пепелници полни отпушоци
На кои има печат од нечии усни
Избегнувајќи да ги ставиме рацете
На чаршафот кој ниту наликува на бел
Со флеки ко оние на нашите срца
Кои ниту еден од модерните прашоци
Не може да ги отстрани
Решивме да си кажеме збогум
Демек таквата сериозност ни прилега
Иако одамна душите ни се разделија
И секоја си киниса по својот пат
Без трошка каење и безгласен плач
Како отсекогаш да сме знаеле
Дека нашата приказна нема да биде
Од оние со среќен крај во кои стои
Дека си живееја среќно до крајот на животот
Та да останат запишани некаде
И читани пред спиење за лека ноќ
Решивме да си кажеме збогум
Држејќи се грчевито за помислата
Дека слободата најважна ни е
А мене
Мене ми иде ете да вреснам
И на глас сета наша љубов
До снеможување да ја исплачам
Без да ми е гајле оти ќе те посрамотам
Без да му ја мислам дека не ме личи
И дека заради годиниве што ги имам
Болката треба само да ја проголтам
Поттурнувајќи ја со чаша вода
Во која има измешано лажичка шеќер
Синкир така горчината полесно ќе мине
Решивме да си кажеме збогум
Очи в очи дур се гледаме
Ко да бараме сигурност
Дека ништо меѓу нас не останало
Та молкум
Како во секое совршено разделување
Си ги делиме работите кои сме ги создале
Само што кај нас тоа не е покуќнина
Ниту азно или предмети без значење
Па малку смешно се расправаме
Кој да ги земе убавите спомени
Дур не се согласиме дека
В понеделник, среда и петок
Јас ќе се сеќавам на нас
А во вторник, четврток и сабота
Ти ќе не’ носиш во мисли
А во недела
Секоја недела повторно ќе се среќаваме
За одново збогум да си кажеме
И во тие неколку букви
Љубовта која е уште меѓу нас
Да ја сокриеме, да ја покриеме
За Женски Магазин, Ана Бунтеска