Ана Бунтеска: Сѐ што си должиме

Добивај вести на Viber

Ми должиш танц

Во кој телата стиснати ќе ни бидат

Со дланката твоја врела

На мојот студен и гол грб

А мојата околу твојот врат обвиткана

Како бршлен околу куќа стара

Во тишина во која ниту дишење се слуша

Во ритам на кој телата ни свикнале

Од сите животи наназад изминати

Во кои сме се барале

Во кои сме се нашле

Ми должиш смеа

Која ќе гргори како водопад в шума

И која ќе ни ги скокотка сите сетила

Намовнати желби

Избезумени страсти

А сепак чуден спокој на двајца кои едно се

Ми должиш прошетка по рабовите на една љубов

Остри, а кои не засекуваат

Бесни, а кои не поболуваат

Рака в рака да ја изодиме среќата

На која и двајцата и’ се плашиме

Ми должиш ноќи неспани и многу воздишки

Лепливи тела и суви очи

Кои ќе болскотат како фенери во темница

Истуткана постела и влажни перници

Испреплетени нозе и испотени дланки

Како никојпат да не ќе ни осамне

Како никојпат да не ќе ни се олади милоста

Ми должиш еден цел живот со тебе минат

И во него една луда младост

За кротка старостта да ни биде

Неколку дечиња и мирис на дом

Камин во кој никогаш огнот не ќе згасне

Дрвена лулашка под ореово дрво

И градина со зеленило и цвеќе

Ми должиш

Себе ми се должиш

Заедно со сите ветувања

Во кои како дете ме завитка

И во кои како во жешка бања се нурна

Ми должиш една јас-среќна која ќе е

Си должиш еден ти-кој ќе знае дека среќата јас ќе му бидам

Ни должиш враќање на она што наше си беше

А јас...

Јас ти должам песна со среќен крај

За Женски Магазин, Ана Бунтеска