Ана Бунтеска: Сѐ што заедно не направивме
Се појавуваш токму тогаш кога не треба,
излезен од нечија туѓа топла постела,
со мирис на усните кој не е мој и не го познавам,
со спомени во рацете врзани во шарена панделка,
небаре цвеќе ми носиш на љубовен состанок.
Се појавуваш со светнати очи и шарен свет во нив,
со блескава насмевка, полн самодоверба,
чекорот ти е лесен како по облаци да одиш
и не, не ја чувствуваш мојата мачнина,
која ми стои во грлото и не можам да ја проголтам.
И еве, дур пред мене стоиш, облечен во лажна среќа,
не можам да се присетам на ситни нежности и радости,
сеќавањата не ми се врзани за заеднички моменти,
оти повеќе паметам се’ што заедно не направивме,
на сите одминати моменти на блискост.
Никогаш заедно не ги дочекувавме утрата,
ниту пак квечерините заедно ги мирисавме,
немавме долги, бесцелни прошетки низ празни улици,
никогаш не си ме бакнал на дожд,
ниту имавме наша песна, некоја сосем обична и смешна.
Никогаш пред тебе песна не напишав, а сакав,
ниту пак заплакав од среќа или тага, а сакав,
телото и дур спиев не ти го покажував, а сакав,
не ти зборував за сите мои тајни, а сакав,
а најмногу од се’ сакав твоја да бидам, а не можев.
И не можам на ништо, освен на празнотија да се сетам,
а ме боли помислата дека останавме странци,
дека меѓу нас и дур бевме еден во друг имаше бездна
и еве, сега душата ми тагува за една љубов која уште ме мачи,
од која остана само сеќавање на се’ што заедно не направивме.
За Женски Магазин, Ана Бунтеска