Ана Бунтеска: Само љубовта ни затапе
Ги изостривме сетилата
Како моливи да држиме во рацете
Небаре во училишна клупа сме
Та се токмиме да испишеме страници
На кои на старост ќе се навраќаме
Како на омилената книга пред огниште
Ги изостривме мислите
За денот појасно да го исприкажеме
А во ноќта нашите воздишки
Посилно да ги слушаме
За да ја убиеме тишината под креветот
Од која уплав имаме како од сеништа
Ги изостривме сите мириси
На кои можевме да се сетиме
Од оној на топло млеко од мајчина дојка
Па до првиот бакнеж под липите
За да завршиме со овој денес
Во кој и обајцата одамна не уживаме
Ги изостривме погледите
За да видиме отаде солената вода
Онаму кај што велеа дека среќата живее
Ничкосувајќи ја секоја тага што постои
Бришејќи ја секоја болка како со гумичка
За повторно ништо да не видиме
Ги изостривме
Не, туку ги наостривме јазиците
За да ни бидат зашилени и смртоносни
Криејќи ги зад затворена насмевка
Оближувајќи ги забите однатре
Чекајќи го вистинскиот миг
За да ја изблуеме сета омраза
Која ни ги удави срцата во чемер
Само љубовта ни затапе
Само таа потона во калта
Срамежлива и плашлива од се’
Подзасечена овде-онде
Од рабовите на јазиците
Со кои камшикувавме
Само љубовта ни затапе
Во сета острина на овој свет
Обележан со луѓе-жилети
На сите четири страни
Како одајче без прозорец
Како куќа без врата
Како затвор
Како кафез полн птици
За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска