Ана Бунтеска: Само зборовите по тебе ми крвават
Со насмев те пречекувам
и ѕвезди во очиве носам
за по нив патот до мене да го најдеш
и свила темноцрвена наместо кожа облекувам
а оздола само месо и коски по тебе клукаат.
Не телото, телото не
зборовите ми крвават
телото како од мермер ми е
бело и силно
со твоите погледи обележано
и во плунката твоја искапено
со здивот твој премачкано
и од семето твое воскреснато.
Сите зборови по тебе ми врескаат
и ниту еден веќе мој е
ете, тие кон тебе трчаат
а мојот чекор тежок е
и внатре поболена сум
оти знам дека и кога до мене си, тука не си
и одамна нешто во мермеров напукна
како надгробна плоча
што врз душава ја носам
и се шири во совршена линија
надве ме сече
а мене некако сеедно ми е
кротка сум во твоите мисли стуткана
покриена со бакнежи и милувања
со љубовта кон тебе нахранета
и не е важно
важно не ми е што однатре ме јаде
јас и онака сум за кратко тука
за да се вратам онаму
од каде што дојдов за да те најдам
и во овој живот
уште еднаш да те гушнам
за да знаеш дека не сум те заборавила
и те помнам од оној
од тој другиот те помнам
и да ти ветам дека и во следниот ќе те барам
со надеж дека навреме ќе те најдам
за повеќе време да имаме
еден на друг да си дадеме
а во овој, тука и сега
само зборовите по тебе ми крвават.
За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска