Ана Бунтеска: Самрак

Добивај вести на Viber

Самрак е дур стоиме еден наспроти друг,

во тешка тишина,

која трае подолго од што можам да ја издржам,

густа тишина во која секој звук е ерес.

Стоиме така долго време,

чиниш векови поминале,

небаре во нозете олово имаме,

небаре ќе се распаднеме ако се поместиме.

Те намирисувам,

ми мирисаш чудно,

ми мирисаш на забревтано животно!

да, на животно со свежа крв на песјаците.

“Соблечи се”,

велиш со рапав глас кој ми го гребе лицево,

а јас не се обидувам да се спротивставам,

ах, одамна веќе не го правам тоа.

Покорно, со треперливи прсти,

со злокобно претчувство во градиве,

ја откопчувам кошулата, градникот,

а околу нозете ми се собира здолништето.

Вадам се’ од себе,

да можам и кожава би си ја соблекла,

иако знам дека тоа нема ништо да смени,

дека твојата алчност би ми го сомлела дури и месово.

Ме гледаш испитувачки,

стојам гола, изложена на твојот поглед,

со грутка во грлото која не можам да ја плукнам,

ниту да ја голтнам оти е полна пелин.

Се доближуваш,

оковувајќи ми го погледот со својот,

гледајќи ме победнички,

додека со јазикот си ги оближуваш усните.

“колку бела, нежна кожа”,

велиш и го галиш моето голо тело,

 “совршена за цртање по неа, еве ќе нацртам круг, нота и еден збор,

но, немој да гледаш, зборот ќе биде тајна”.

Молчам,

додека во главата ми вреви од вресоци,

а душава ми е празна,

како празна соба во која зјае самотија.

И не чувствувам ништо, освен твоите ладни прсти,

ништо, освен твојот жежок здив на градите

и неколку капки восок,

кои утре ќе ме потсетат на мојата немоќ.

Ги затворам очите,

ми тежи светлината од свеќите,

како за мене да горат, за спокој на душава,

ги стегам дланките, а ноктите ми се зариваат в месо.

Ја намирисувам твојата возбуда,

твојата желба ми се лепи на кожава,

“не мрдај, не диши, биди тивка”ми шепотиш на уво,

“не зборувај, кожата ти мириса на гревови” забрзано дишеш.

Ја загризувам долната усна до болка,

и знам, само се препуштам и тонам,

те оставам да црташ по мене,

да, да црташ...со мало џебно ноже.

Те оставам да нацрташ круг,

нота, а солзи прокапуваат во мојата душа,

додека крвта која истекува од мене,

прави тенки бразди по кожава.

Очите ми се стакла, прозирни, неми,

“дај ми го зборот, напиши го”, цвилам во себе,

“кажи ми го зборот за да можам ова да го поднесам”, вриштам во себе,

додека тишината ја јаде нашата слика.

Мојата кожа повеќе не е толку бела, ниту нежна,

мириса на пораз, на принесена и искасапена жртва,

а зборот, тој проклет збор остана ненапишан и неизговорен,

зборот за кој душата на ѓаволот ја подарив...ТЕ ЉУБАМ.


За Женски Магазин, Ана Бунтеска