Ана Бунтеска: Се надмудруваме

Добивај вести на Viber

Се надмудруваме

со наизуст научени фрази

наместени насмевки

извежбани гестикулации

кревање на веѓите

прчење на усните

се лажеме себеси

лажејќи ги сите околу 

и тераме

денови, години, децении

полни лажна ведрина

и изрешетани срца

крпеници во душите

талог во мислите

се надмудруваме

со животот игри играме

убедувајќи се дека сме доволно вешти

смртта за да ја прелажеме

и колку повеќе тела околу

толку поосамени сме

со стакла во очите

и мразулци во прегратките

дур' еден ден бело знаме не кренеме

и сета бедотија зад нас ја оставиме

и почнуваме да живееме

и љубиме

ете онака како што секогаш што сме посакувале

без кантар до себе и кусур да фаќаме

од срце распослано ко' ливада

за да ни трча љубовта

и душа на тацна ставена

оти чуму ти е ако ја заклучиш

и ѕидови околу неа изградиш

на самотија ја осудиш

без храна и вода

без пилето во неа да ти пее

се надмудруваме

пазариме, мериме и броиме

дур' не се предадеме

дур'она што ни е пишано не го изживееме

со надеж и ронки страв

дека можеби предоцна е

за да живееме

за среќни да сме.


 За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска

Фото: Стојан Стојановски