Ана Бунтеска: Се отвори небото
Се отвори небото
Ширум ко пенџере в пролет
За да се проветри собата
Во која младоста коски ни стопли
Пикната под тешка јамболија
Во боја на нашата љубов
Се отвори небото
Гласно како шише пенливо вино
Од кое прелија чашите со здравица
Та усни натопивме во гревот сладок
Без каење и без прашување
Како денот последен да беше
Се отвори небото
Како чадор под кој стуткани
Ни се допираат и телата и сенките
Без да сетиме оти преврна
Оти ни се заарни еден до друг да сме
За да ни се мешаат здивовите
Се отвори небото
Исто како дланката твоја
Во која мојата ја собра
Како да сме во сложувалка
Од која ќе излезе преубава слика
Нацртана со ведри бои
Се отвори небото
И среде зима осамна летно сонце
Кое ги стопи и последните сомнежи
Дека од нас не ќе биде убост
Или дека нешто лошо ќе се случи
Та од “не дај Боже” се поплукувавме
Се отвори моето небо
И во себе и твоето го прими
А твоето пак
Твоето во моето како во вода се нурна
И еве сега од две неба, едно се стори
Она наше што го викаме
И на кое ко деца мали му се радуваме
И подзинати угоре се џариме
Без да му ја мислиме на утрешниот ден
Без страв што ќе ни донесе иднината
Како да сме застанати во времето
Како да не дишеме
Под ова небо во кое сами сме
Кое за нас се отвори
Од копнеж
Од страст...од љубов
За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска