Ана Бунтеска: „секое лошо за арно да биде“

Добивај вести на Viber

„Секое лошо за арно да биде“

ех

пуста младост

ко’ ќе чуев вака на смеа ме тераше

та си велев

како може лошото за арно да биде

лошо си е лошо

а арното си е арно

пуста, пуста младост

наивна и црно-бела

дур’ чо’ек не подостари и не разбере

оти од црно до бело треба едночудо бои да изврви

и оти не е сè онака како што се чини дека е

оти треба многу фурни леб да изеде

и многу горчливи залаци да проголта

за да поднаучи троа

да разбере оти болката може со радост да се смени

и љубовта напуштена, со друга срцето да го излекува

оти смртта некогаш живот значи

и душата не умира џабе

туку сила да збере за да се крене пак

угоре

високо, високо к’о птица

и да запее колку гласот што ја држи

ете, ти и јас во лошо се најдовме

и двајцата заталкани по споредни патишта

со мислите на друго место

и очите залепени во туѓи прозорци

ете

ти и јас во болка се најдовме

во лошо, во темно зацапани

за да се вратиме назад

секој до себе да дојде

секој од нас во себе другиот да го најде

и од ќори – прогледавме

од глуви – прослушавме

од болка – смеа добивме

од самотија – убост изградивме

сега кога доволно стара сум

за да знам оти во секој старски збор алтани се кријат

а доволно млада за време со тебе да имам

се сетив на она што к’о дете го имав чуено

за лошото и арното

оти секое лошо за некакво арно е

та мирна сум дури и кога ко’ кучиња се лаеме

и кога еден на друг викаме

оти и тогаш се пазиме крв за да не си пуштиме

и длабоко да не засечеме

како и двајцата да знаеме оти сила имаме

лошото во арно да го сториме

ти...ти и јас, ти и јас


За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска