Ана Бунтеска: Секогаш идиш непоканет
Секогаш идиш непоканет
Некако како без усул
Или без никаков осет за мене
Без да ти текни ниту за миг
Оти душава партал ми ја правиш
Та после не знам што со неа
Дали како стара крпа да ја користам
За бришење прашина низ куќава
Или некаде да ја џиткосам
За да не ме потсетува на тебе
Секогаш идиш непоканет
Што на сон ќе ми се појавиш
Што некоја дребулија по дома
Накај тебе умов ќе ми го наврати
И ти се чудам на дрскоста
И си се чудам на лудоста
Како толку лесно ти успева
Надве да ме пресечеш
На две половинки кои не можам да ги залепам
Оти секојпат меѓу нив зјае поразот
Од една дамнешна љубов
Секогаш идиш непоканет
Таман ќе почнам пак да се насмевнувам
И колку толку очиве сјај ќе ми добијат
Таман ќе почнам да пишувам за нешто друго
А тебе во песна да не те спомнувам
Кога ете
Само од некаде ликот твој пред мене ќе излезе
И сиот труд бадијала е
Како време да не поминало
Како да се враќам на истото
На истата точка од која безуспешно се трудам
Да кинисам напред и без тебе
Да те ставам во некоја кутија
Која ќе ја пикнам в подрум
Или на таванот горе ќе ја оставам
Секогаш
Ама баш секогаш идиш непоканет
Оти некојпат колку и да се трудам
На тебе да се сетам
Или да ми дојде твојот мирис и вкус
Под нос или на непцево
Не ми успева и не можам
Та тогаш си велам со олеснување
Оти конечно те имам во минатото спастрено
И се опуштам
Ги чувствувам раменициве дека повеќе
Згрчени не ми се од исчекување
И срцево некако како да ми чука поинаку
Слободно или барем не толку забрзано
И во мигот кога се убедувам себеси
Оти сум те преболела
И дека не ме болиш онака како порано
Ете тогаш ќе се појавиш
Како за инает
Како намерно
Како да сакаш да ми кажеш дека спас од тебе нема
Како да чекаш да дојдам на своето
За да ми дојдеш непоканет
Како казна
Како клетва
Како спас од самотија
За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска