Ана Бунтеска: Секој човек-своја приказна
Секој од нас приказна своја има
Некоја одамна раскажана
И ко сенката своја со себе ја носиме
Некоја токму сега се плети
За в зиме со неа да се припокриеме
А некоја пак допрва зачнува
И чекаме да се роди
Секој од нас и свое бреме носи
Од сите приказни кои минале
И кои на душа стежнале
Та во ноќите си ги спомнуваме
Тогаш кога сон не не’ фаќа
Или кога за нешто се јадосуваме
Секој човек-своја приказна
Ете така сум чула дека велат
И секоја приказна свој свет си има
Та ниту една, на друга наликува
Оти колку луѓе на светов
Толку приказни раскажани останале
И некој к’смет има
За неговата со среќен крај да биди
И со убост да си врви
Некој мака во срцето си носи
Чунки неговата боли и дроби
Како сол на жива рана истурена
А мене
Мене најубаво ми е
Ко гледам две приказни сретнати
И два света споени
Та едната сказна на другата боја и’ клава
Едниот свет на другиот смисла му дава
И си велам оти надеж има
Ете
Надеж дека се’ уште има
Приказни убави да се родат
И два света да се спојат
За од нив нова приказна
И свет нов да блесни
Како твојата со мене напишана
Како мојата со тебе отплакана
Како твојот свет во мојот што го има
Како мојот свет во твојот што уште диши
Две приказни испреплетени
Два света споени
Во нас
Во една љубов
Во една никогаш
прежалена љубов
За Женски магазин поетесата Ана Бунтеска