Ана Бунтеска: Сета моја љубов

Добивај вести на Viber

Сета љубов во мене ја спакував,

како искусна собарка во скап хотел,

испрана, испеглана и здиплена,

со остри рабови од кои уште прстите ми крварат.

Сета љубов во мене ја собра во мал куфер,

темно зелен, со мирис на кожа и нафталин,

ете, токму таму душата си ја послав

и врз неа љубовта на меко ја легнав.

Сета љубов во мене не тежеше повеќе од една солза,

а мене солзите ко планини ми се,

со сета сол од сите мориња собрана во нив,

густи, небаре крв а не прозирна течност се.

Сета љубов во мене ми остави само тага,

онаа која молчи, која во маткава ја собрав,

та сега внатре ми крвари и гнои,

тивко и без ниту еден трепет на лицево.

Сета љубов во мене те оставив сам да ја земеш,

без моето непотребно присуство кое ќе беше само бол,

без збор, без поглед, без ниту една лоша мисла,

само со сенка од мојата дланка на твоето лице.

Сета моја љубов одамна заборавена стои во некој агол,

совршено спакувана, стокмена како за чеиз, а не за збогум,

истата со која те пречекав, ете, со неа и те испратив,

со сета моја љубов, со сиот мој бол.



За Женски Магазин, Ана Бунтеска