Ана Бунтеска: Сета во љубов сторена...вечерва

Добивај вести на Viber

Вечерва ќе пишувам нежно,

внимателно зборовите ќе ги галам,

како воздушест допир по гола кожа,

како бакнеж, тивок и лесен,

залепен на делот од вратот што се спојува со косата.

Вечерва ќе ја оставам болката на страна,

ќе ја ставам во лимената кутија со ирваси,

да, таа во која чувам колачиња,

од оние со цимет и јаболко

и ќе ја тргнам некаде подалеку од очиве.

Вечерва бело вино ќе си ставам,

нема да ја поставам масата за вечера,

оти душава со милост полна ми е,

како на новороденче ќе и’ се радувам

и да ме служи долго ќе и’ наздравам.

Вечерва ќе танцувам во комплетна тишина,

во ритамот на ударите на срцево ќе се движам

и не,

нема да изгледа смешно,

оти срцето со треперлива радост ми чука.

Вечерва сета љубов во себе ќе ја ослободам,

од кафезов што ми е во градиве ќе ја пуштам,

клучевите низ прозорец ќе ги фрлам,

оти дур е во мене никому,

дури ниту мене ми припаѓа.

Вечерва ќе бидам дожд,

тивок ветар ќе сум,

кревка и топла, со чисти мисли,

со мирис на море во душава,

со вкус на сите твои неискажани желби по мене.

Вечерва сум воздишка од неискажана приказна,

строфа од неиспишана песна,

капка солза од неисплакана радост,

вечерва сум твоја дур останувам своја,

сета во љубов сторена...вечерва.



За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Претходната песна на Ана ја имате ТУКА