Ана Бунтеска: Во овој ден
Во мене се вгнездуваш,
сета со себе ме исполнуваш,
во рацете држиш сноп од мојата страст,
на забите парче од кожава ти свети,
дур во мене бура од копнежи се буди.
Со поглед рацете ми ги врзуваш,
околу мене допири сееш,
во гласот ти трепери воздишка,
со бакнеж ме покоруваш,
дур во мене сите вресоци замираат.
Ти ги давам на хартија сите зборови,
дур кришум те гледам како спиеш,
а ти ги знаеш сите мои стравови и желби,
со дланките ми ги лекуваш болките,
дур во мене се буди некоја, која и јас не ја познавам.
Со твојот допир на телово-лутам,
со мирисот кој во мене спие-молчам,
со твојот вкус кој го знаев и пред да те знам-дишам,
со сите твои пулсирања во мене-лебдам,
дур во мене умира самотијата.
Во овој ден сета сум тело, мирис, вкус,
во овој ден твојот здив во мојата коса преспива,
во овој ден сум воскресната љубов,
во овој ден си ми дожд и ветар,
дур во мене расте надеж, во овој исполнет со мир, ден.
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Претходната песна на Ана ја имате ТУКА