Ана Бунтеска: Шишенце за солзи
Ги собирам моите солзи во стаклено шишенце,
но, не обично, ова беше мало, со широко дно,
кое се прелеваше во чудна зелено-златеста нијанса,
купено од продавница за чување тага.
“Ми треба шишенце” реков сериозно и тивко,
“за солзи, за моите солзи”...
“Земи го ова”-ми рече продавачот, со исто толку сериозен глас,
“совршено е за твоите очи, совршено за твојата тага,
и никогаш не се преполнува, секогаш ќе има место барем за уште една солза”.
Моето шишенце стои на прозорецот,
ја сака светлината, си игра со неа, а и солзите поубаво личат така.
Течноста ја менува бојата од темно зелена до светло жолта,
а можеби само така мене ми се чини...
И навистина, колку и да плачам, секогаш има место за уште...
Моите солзи мирисаат на изгубена игра,
на дамнешни спомени, на темни утра и светли ноќи.
Некои мирисаат и на свежо искосена трева, некои на дожд,
а некои пак мирисаат на шумско овошје.
Ги вкусувам некогаш со чаша црно вино...горко-слатки се,
заситуваат, скокоткаат, некогаш гребат, болат.
Моето шишенце...мојата тага...моите солзи,
мојата душа стои на прозорецот, на светлина... и се прелева....
во таа чудесно убава зелено-златна нијанса...
во бојата на моите очи...
кои никако да пресушат.
За Женски Магазин, Ана Бунтеска