Ана Бунтеска: Си кладов на дикат
На дикат си кладов
Да запаметам и да не заборавам
Кога тага наеднаш ќе ме фати
Оти ќе ми мине
Оти секогаш минува
Та дали било арно или лошо
Времето в заб сѐ ќе однесе
До некоја нова радост
До некоја нова тага
Си кладов на дикат
За да не изумам
Оти горе кога сум и ми се чини
Дека никојпат удолу не ќе бидам
Да бидам спремна дека малку треба
За да се најдам в кал до гуша
Та да знам оти треба да претам
И колку толку жива да излезам
Чунки животот таков е
На дикат си кладов
Не за друго, туку да немам магла во умов
Оти сѐ што било поминало
Сѐ што е ќе помини
И оти сѐ што ќе дојди ќе замини
За да не одат солзи бадијала
А ни радоста да не ме удави
Оти човечкото срце не бери секогаш
Ниту отпојќе радост, ниту отпојќе тага
Си кладов на дикат
Да се сетам тогаш кога ќе треба
Оти луѓе не можеш да натераш да те љубат
Ако по тебе пилето не им пее
И не можеш себе да се натераш
Некого до изнемоштеност да сакаш
Ако душата како в кафез ти е
А клучот некој в џеб си го носи
Та заробен во нечија мисла си
На дикат си кладов
Оти знае умов да ми летни
Да не седам онаму каде што
Кожата од допир ме боли
И утробата од бакнеж ми се наткрева
Да си барам чаре за нељубов
И да знам како патот да си го најдам
Оти не секој пат се врви со друг
И не секој пат се чекори сам
Си кладов на дикат
Да не заборавам да те заборавам
Оти човек од болен поболен станува
Ако смеата му секни
И убоста во него овени
Та еве секој ден помислувам
Оти време е зад себе да те оставам
И меѓу нас ѕид до небо да ставам
За погледите да не ни се бараат
На дикат си кладов
Оти ќе можам
Оти ќе знам и умеам
На среќата в лице да и’ се пулам
Без тебе, а со себе
Со себе, а ти доволно далеку
Без повеќе на дикат да те ставам
Како љубов мината
Како љубов засекогаш одмината
За Женски Магазин, Ана Бунтеска