Ана Бунтеска: Скраја да е
Скраја да е од лош чоек
Да ти се пикни в куќи
Или до тебе некаде да биди
Да диши во тебе ко поулавен
И воздухот да ти го зема
Чиниш за тебе ништо не ќе остане
Скраја да е од алчен чоек
Стрвен од твоето да грабни
А не оти му треба, туку така
Колку само ти да немаш
Оти таквите до блуење ќе јадат и пијат
Без усул и без срам
Скраја да е од арамии луѓе
Чии лепливи прсти во утроба ти копаат
И сето твое за себе ќе го присвојат
А некои во азно пливаат
Ама пуста болест туѓо да се земи
Е посилна од сета пара на светот
Скраја да е од болест да те фати
И телото да ти се снеможи
Да се смалиш во облеката
И како дупка во стомакот да имаш
Та низ неа секој касај излегува
Без на снагата да ти се фати
Скраја да е смрт дома да ти влези
И да ти се одомаќини в постела
Та да не можиш никако низ врата да ја истераш
За малку да одмориш, малку да здивниш
Да ти се прилепи и во вратот да ти бревта
Ко животно пред умирачка
Скраја да е од живот во кој живот нема
Од љубов во која љубов нема
Од спокој кој спокој нема
Од вистина во која вистина нема
Од чесност во која чесност нема
Од убост во која убост нема
И скраја да е од сите
Кои душа во црно ќе ти завијат
И коси ќе ти побелат
Скраја да е
Скраја да е од клетва на скршено срце
И чоек кој останал без својата сенка
За Женски Магазин, Ана Бунтеска