Ана Бунтеска: со друг ќе ме гледаш

Добивај вести на Viber

Со друг ќе ме гледаш

ќе те боли мојата насмевка

и раката негова околу половинава

ќе те болат очиве што ќе светат

и телово што накај неговото навалено ќе е

е тогаш ќе посакаш очи да немаш

ниту слух за да не чуеш дека сум те преболела

дека ете, сум те заборавила

и сеќавањата на тебе ми се како некој стар филм

кој на младост сум го изгледала

а ти

ти со друг ќе ме гледаш

оти чо’ек не се држи насила

ниту насила љубовта му се зема

без ронка милост да му дадеш

оти чо’ек не се крепи со ветувања и лаги

ниту со грубост како камшик по кожа му се мава

чо’ек се чува

се чува како дете да чуваш

како капка вода на дланка

како зеница в око

се чува како себе што се чуваш

ни појќе ниту помалку од тоа

оти сè друго е ветар и магла

ќе однесe во заборав

ќе оддува

ќе скрие

и не ќе го имаш појќе

чо’ек се чува, ме слушаш ли?

оти ако не знаеш како

и ако не умееш нежен да си

ќе го пуштиш

со милост ќе го пуштиш

со љубов

и насмев

со галење и грижа

ако кадарен не си љубов да дадеш

не земај ja

не кради ja, оти твоја не е

за тебе не била пишана да е

ете затоа те отсакав

и затоа на душава по тебе што виеше

40 дена ќе ` извадам

и некогаш, ама само некогаш

на гробот на нашата љубов суво цвеќе ќе однесам

а ти

ти со друг ќе ме гледаш


За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска