Ана Бунтеска: со главата горе како со танц да ве честам
Ниту молитви ниту клетви имам
само мисли округли ко џамлии
прозирни ко вода
миризливи ко детски здив
и чисти ко ѕвонлива смеа
ете од нив ми е секоја песна
некоја повеќе
некоја помалку добра
ама од душава се
од штракалово што не знае за мир
од утробава која на две ми се дели
маткава која како чеда ги раѓа
и не знам што повеќе од себе би дала
а ниту пак мислам
дека ми остана уште нешто за раздавање
кога облеката си ја слекувам
и стојам гола пред сите
без срам од сите лузни кои ме красат или гнасат
или од кожава што е камшикувана
та потем и неа ја вадам
полека
со главата горе како со танц да ве честам
затоа молчам
оти се’ сум ви дала
секој трепет на душава
и бол во срцево
секоја мисла која во оваа луда глава се родила
завивањето по него
тагата по себе без него
ете
се’ што сум имала сум ставила на тацна
за да знаете дека сами не сте
ниту пак за да можат зборовите мене да ме убијат
ако внатре останат
затоа молитви немам
ниту за клетви устава знае
ама знае за насмев на ќошињата од усните
и за поглед со кој ви велам “знам, знам како е”
оти луѓе сме
од исто исткаени
со души полни ко чаша вино
и срца како перфорирани хартии
од кои конфети ќе направиме
за да прославиме
да се љубиме
да наздравиме и да се помилуваме
со мисли ко џамлии и вода
ко детски здив и смеа
чисти ко нас
живели
За Женски магазин, Ана БунтескаФото: Стојан Стојановски