Ана Бунтеска: со љубов запалени... кандилата наши неизгаснати
како кандилца во очите да носиме
запалени со тивка стравопочит
оти еднаш љубов се случува
токму ваква
за да ти гори душата
и срцето да ти пее
со дланки во кои соништа носиме
а на усните благ насмевка
кога телата се полна трпеза
од кои секој касај е дар
и милувањето е повеќе од допир
преплетувањето е кога од две-едно ќе се стори
за да ти заживее здивот
да ти замириса на светлина
и подој од утробата исцеден
бел... бел
како кандилца очите ни светат
и се гледаме к’о демек никогаш досега видени
со милост и убост
со надеж и верба
со љубов која ја отсекува главата на црвот на стравот
без престан само се џариме
еден со друг
еден во друг
та се гледаме заштитнички ко мајка – чедо
и со страст ко жена – љубовник
со почит ко животот – смртта што ја гледа
со кандилцата огништата си ги потпалуваме
наш олтар си градиме
со мирис на темјан
и нешто што име нема
за да сме спокојни
со рацете на гради преплетени
небаре молитви во срцата везиме
од кандилцата наши потпалени
кои тивко, ама долго тлеат
во тебе
во мене
во нас
за добредојде
и мислите светли ни се
со отсјај од храмот наш
од љубов – со љубов запалени
кандилата наши незгаснати
За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска