Ана Бунтеска: Со секое заминување
Во секое заминување
еден останува да чека
ѓоамити оној другиот
некогаш ќе помисли да се врати
ама пусто,
ко што рекле старите,
надежта умира дури тогаш
кога љубовта е убиена
оладена и вкочанета
в сандак закована
и в земја спуштена
та кај некои дури и до 40 дена
уште пилето пее и се надева
дур не онеми и оглуви
дур крилјата од претање не ги искрши
и в ќош не се стутка
со надеж дека некогаш ќе помини.
Со секое заминување
еден останува да бдее
та чека збор или миг
кога оној другиот милост ќе покаже
и кога рацете повторно ќе ги рашири
та повторно во нив да потоне
без мисла за разделба
без страв од самотија
без болката од таа тишина
која меѓу нив се вгнездила
и далечина која не се доодува
како со секој чекор
од себе дел по патот да оставаат
еден од друг отуѓени
како никогаш дума да не кажале
и љубов еден на друг дариле
како никогаш да не се љубеле.
Со секое заминување
со секој твој километар изврвен
далеку, што подалеку од мене
на секоја патарина на која ќе застанеш
од срцево дел откинувам
за да платиш со љубов
на секоја рампа отворена
по една на душава се спушта
та си велам дека еден ден,
ете, се надевам дека еден убав ден
сето ова ќе ми помине
па повторно на усниве насмевка ќе нацртам
и во очиве сјајот ќе го вратам
кога веќе тебе не можам
од тој пат по кој си кинисал
и сам ќе го изодиш
од кој знам дека враќање нема.
За Женски Магазин, Ана Бунтеска