Ана Бунтеска: со сила уба’ина не бива

Добивај вести на Viber

Со сила уба’ина не бива

За ништо и за никого

Еве земи да јадеш насила

Не оди

Ниту стомакот, ниту устата храна ти прима

Или пиј ко’ не ти се пие

Ами земи спиј ко’ не ти се спие

Или смеј се к’о улав ко’ не ти се смее

Уб’о рекле дека со сила уба’ина не бива

Дека колку и сакаш некогаш на арно нештото да е

Ако не му било пишано, бадијала е

Ќе се стори нешто неуб’о

Нешто што лезет нема за никого

И појќе тажен ќе те напра’и

Оти ќе знаеш, ќе ти текне

Насила ништо не бива

Ниту со предмети, ниту со луѓе

Оти пак луѓето табиетлии се

И никој ист со никого не е

Та не можеш да им погодиш

Ниту среќни да ги напра’иш

Кога во душата пустош имаат

Ниту да ги насмееш

Кога за лицата гробишта им гледаш

А ниту пак можеш љубов да им дадеш

Кога за љубов сакати се

И во телата и во умовите

Со оштетени срца

И полни сомнежи

А ти ако немаш друга работа

Или барем некоја попаметна

Оди и пукни за да ги усреќиш

Бадијала

Само бадијала труд и надеж

Фрлена љубов низ ветар

Сакат чо’ек

Оној кој сакат во душата е, не знае љубов што е

Не замерувај му оти не знае

Ниту кусур фаќај му за нешто

Ниту пак обидувај се да го вразумиш

Демек сега ти паметен на уб’ост ќе го учиш!

Не!

Остај го

Остај се и себе да здивнеш со битка

во која не победуваш

Оти арно се рекло

На чо’ека можеш да му земеш

Ама да му да’еш не

Оти со сила уба’ина не бива


За Женски магазин , поетесата Ана Бунтеска