Ана Бунтеска: Со сила убајна не бива

Со сила убајна не бива

За ништо и за никого

Еве земи да јадиш насила

Не оди

Ниту стомакот, ниту устата храна ти прима

Или пиј ко не ти се пие

Ами земи спиј ко не ти се спие

Или смеј се ко улав ко не ти се смеј

Убо рекле дека со сила убајна не бива

Дека колку и сакаш некогаш на арно нештото да е

Ако не му било пишано, бадијала е

Ќе се стори нешто неубо

Нешто што лезет нема за никого

И поќе тажен ќе те напрај

Оти ќе знајш, ќе ти текни

Насила ништо не бива

Ниту со предмети, ниту со луѓе

Оти пак луѓето табиетлии се

И никој ист со никого не е

Та не можиш да им погодиш

Ниту среќни да ги напрајш

Кога во душата пустош имаат

Ниту да ги насмееш

Кога за лицата гробишта им гледаш

А ниту пак можеш љубов да им дадеш

Кога за љубов сакати се

И во телата и во умовите

Со оштетени срца

И полни сомнежи

А ти ако немаш друга работа

Или барем некоја попаметна

Оди и пукни за да ги усреќиш

Бадијала

Само бадијала труд и надеж

Фрлена љубов низ ветар

Сакат чоек

Оној кој сакат во душата е, не знае љубов што е

Не замерувај му оти не знае

Ниту кусур фаќај му за нешто

Ниту пак обидувај се да го вразумиш

Демек сега ти паметен на убост ќе го учиш!

Не!

Остај го

Остај се и себе да здивнеш со битка во која не победуваш

Оти арно се рекло

На чоека можиш да му земиш

Ама да му дајш не

Оти со сила

Со сила убајна не бива

За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска