Ана Бунтеска: Со тебе во мене
Дури во мене спиеш,
а во коскиве твојот здив ми вие,
дури во утробава се сместуваш,
а во душава ми врне љубов,
дури во градиве прстите приказни ти плетат,
а во срцево расте цвет со мирис на зелено,
знам, во себе те носам.
Дури гласот ти го слушам и во сон,
а на кожава отпечаток од твојот бакнеж,
дури вкусот на една страст на образот ми спие,
а на дланките топлината ти ја чувам,
дури во косава ми дише твојата воздишка,
а во очите ми сјае мир и спокој,
знам, во себе те носам.
Дури во мене ти пулсира копнежот,
а загризот твој на рамото ми свети,
дури твојата желба ми црта по телово,
а во клеткиве нов живот ми се раѓа,
дури твојот копнеж во мене се врежува,
а во мојот трепет тебе те наоѓам,
знам, во себе те носам.
Дури те наоѓам во секоја моја песна,
а зборовите како мевлем ми се,
дури се токмам за тебе, за убава да ти бидам,
а во мене завива глад по тебе,
дури пред тебе полека се слекувам,
а на кожава стихови ти редам,
знам, во себе те носам.
Со твојот допир ми заспива кошмарот,
со твојот вкус ме буди утрото,
со твојот мирис ми е дождот обоен,
со твоите загризи телово го украсив,
со твојот здив ноќите ги чекам,
со се’ твое умирам и се раѓам,
со ти во јас, со тебе во мене.
За Женски Магазин, Ана Бунтеска