Ана Бунтеска: сон на праведник не можеш да купиш

Добивај вести на Viber

Купуваш скапа облека

Со етикета на која стои име

Кое најчесто не знаеш да го изговориш

Или кое ништо не ти значи

Купуваш скап часовник

Кој го мери времето кое ти преостанува

И кој никогаш нема да ти попушти

За да поживееш уште некој ден повеќе

Купуваш скапи салонки

Кои ги обуваш за низ дома

Вежбајќи го одот дур’ не ти капнат нозете

Со надеж дека ќе ти го донесат принцот

Купуваш сѐ и сешто

Најмногу она што не ти треба

Со надмено движење на раката

Кога ја подаваш кредитната картичка

Со ладен лик и со надеж

Дека не ти се гледа јанѕата

Ако ти кажат оти картичката ти е одбиена

Купуваш лажни пријателства

Мир кој е најмалку тоа

Почит за која знаеш дека трае

Дур’ не го завртиш грбот

Си го лажеш умот оти сѐ на светов цена има

И сѐ што на светов постои може да се купи

Дека е доволно паричникот да ти е полн

И дека тој ќе ја пополни празнината во тебе

Пиеш коктели кои ти се блуткави

Од кои после желудникот во тоалетот си го вадиш

Пушиш странски и скапи цигари

Иако три колена наназад сите од канцер ти умреле

Возиш бесен автомобил

Во кој никогаш немаш со свој човек седено

Да се кикотите дур’ стомаците не ве заболат

И да се исплачете за сите болки

Живееш лажен живот

Со гламур кој е тажен

И од кој ти е мачно сам од себе

И се тешиш

Така поубаво ти е кога си велиш

Оти сѐ на овој свет со пари се купува

Иако знаеш дека насмевката нема цена

И дека сјајот в очи не се глуми

Дека најскапоцена е воздишката

Која не доаѓа од устата туку од душата

Дека трепетот на нечие тело кое го љубиш

Не може да се купи со ништо

И дека си голтар

Дека најсиромав на светов си

Ако љубов во себе и околу себе немаш

Дека ќе си умреш к’о питач

Ако некој до тебе тогаш не седи

И раката силно во својата да ти ја држи

Нежно стихови љубовни да ти шепоти

Голтар си

Голтар си ако барем два-тројца до себе немаш

Кои ко’ ќе згрешиш ќе ти се развикаат

И кои нема за ништо да те поштедат

Од љубов

Од љубовта кон тебе што ја имаат

И со која сакаат да те зачуваат

Голтар си

И голтар ќе останеш ако не разбереш

Оти искрен чоек со пари не се купува

Ниту срце на жена така се освојува

Ниту душата на мажот по тебе ќе лудува

Оти има на светов работи кои бесценети се

Кои со ништо не се купуваат

Освен со питомо срце

И отворени дланки

На светов сон на праведник не можеш да купиш

Ниту љубов која живот дава

Ниту смрт која утеха ќе биде


За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска