Ана Бунтеска: Сонив...
Сонив...
на карпа кај што стојам,
во бел фустан како невеста,
со јато птици во косата
и ветар што свири во ушите.
Сонив...
како место заби бисери во устата имам,
а на врат забите, внимателно нанижани,
на жица наредени,
трипати околу грклан намотана.
Сонив...
сите луѓе голи шетаа,
со мислите на виделина
како етикети од нова облека,
а јас до гуша облечена во стихови.
Сонив...
без крила кај што летам,
со раце полни пердуви,
воздухот на кожа ме болеше,
дур душата во прав ми се ронеше.
Сонив...
за грст зборови како ме продаваш
и во ноќта се прикрадуваш,
дур спијам во мене продираш,
твојот здив на вратот го сетив.
Сонив...
кај срцето оган ми гори,
а утробата полна јагленчиња,
ми претаат мислите,
те успивам и скротувам,
лека ноќ...до следниот кошмар.
За Женски Магазин, Ана Бунтеска