Ана Бунтеска: Спастрување
Ти ги спастрив кошулите
Една по една, сите стокмени
Тазе испрани со мирис на омекнувач
Оној од лаванда кој најмногу го сакаш
Потем ги испеглав
Посебно внимавајќи на ракавите
Та ги здиплив наредени по боја
Ти ги спастрив кошулите
Внимателно наредени во нов куфер
Кој носи име од позната марка
Како да ќе одиш на пат
Како да ќе те праќам на бендис
Дотеран за туѓи очи
Спремен за туѓи допири
Ти ги спастрив кошулите
Дури и оние кои ти ги имав купено
За првата радост
За по свадби
И една неотпакувана за погреб
Оти така и адетот вели
Чоек да си се спреми со време за смртта
Ти ги спастрив кошулите
И на секоја во малото џепче
По едно шамивче ставив
Во боја за да ти одговара со одело
И со манџетни за ракавите
Во кутивчиња кои стојат отстрана
Како детски играчки-војничиња
Ти ги спастрив кошулите
Без тага
Без мисла
Без гнев
Без ниту една пуштена солза
Оти нив ќе ги чувам за вечерва
Со шише бело и скапо вино
Ти ги спастрив кошулите
И со нив еден живот со тебе
И ене го куферот во претсобјето
Чека со трпение кое јас го немам
За да го земеш со себе
И да си најде нов дом
Во кој посреќен ќе бидеш
Ти ги спастрив кошулите
Сега уште ми остана собиве да ги средам
Да не остане трага од тебе
Ниту мирис кој е твој или наш
Па си велам, за арно да е
И за арно да биди твоето заминување
За арно да е и моето останување
За Женски Магазин, Ана Бунтеска