Ана Бунтеска: Станавме странци

Добивај вести на Viber

Станавме странци

Со скаменети лица кога ќе се сретнеме

А ко за среќа

Скоро никогаш и не се среќаваме

Умни сме и двајцата

Ете

Искуството своето си го сторило

Или ако повеќе милуваш

Сме ги научиле главите оти низ ѕид не можат да минат

Па вешто ги одбегнуваме местата

На кои би можел чекорот да ни се судри

Водејќи сметка и за времето кога пазариме

(оти јас напладне пазарлукот го терам

а ти сабајлината сакаш да ја фатиш)

Она кое забрзано врти на твојот часовник

Небаре времето се мери по тебе

А мојот тик-так....

Ах

Па јас и не носам ништо што е врзано со време

Освен беливе влакна во косата

Покриени со боја која повеќе не е црвена

Станавме странци

Боже

Каква изветвена реченица е тоа

А таква е само дур некому не се случи

Дур не му отрпни телото

Кога ќе помине покрај старата љубов

Или кога веќе горчина во устата нема

Кога вкусот нејзин под јазик ќе му дојде

Кога ќе престане да си го чувствува срцето

И ќе заборави на болката

Како под анестезија од која на допир

Како туѓо месо под прстите да сеќаваш

Станавме странци

И ништо од тоа не ме боли

Оти некогаш така нештата треба да бидат

Како да е тоа одлучено пред векови

Дека никогаш заедно не ќе останеме

Ама ете

Ме боли

Помислата ме боли

Таа проклета мисла што умов ми го сардисува

Оти еден ден

Еден од нас од овој свет ќе замини

А оној другиот нема да знае

Или ќе дознае кога веќе доцна ќе е

И нема да можеме да се простиме

Или да си простиме

Што дозволивме на таа наша љубов

Странци да станеме...странци да останеме


За Женски Магазин, Ана Бунтеска