Ана Бунтеска: Таа, тој...ТИЕ
Таа била ваква
Тој бил онаков
Таа не чинела
Тој чурук бил
Таа била она што не му треба
Тој бил тоа што не сакала
И војни водиме кој поарен е
Си лепиме етикети
Како да сме алишта кои ги меркаме
Си ставаме цени
Како во продавница да сме најдени
Секој секому мани наоѓа
Пред во себе да погледне
И на кантар табиетот да си го измери
Та се кошкаме и немтури стануваме
Се обвинуваме едни со други
Оти несреќни низ животот сме врвеле
Таа ставена во калап
Тој ставен во кутивче по мерка
Без никој никому во срце да погледне
За да види внатре што се крие
Таа обвинета оти била слаба
Тој обвинет оти не бил маж
Се расфрламе со клевети
А не ретко и со клетви
Кој повеќе недостатоци има
Та неспокојот го препишуваме на оној карши нас
Чунки ТОЈ или ТАА виновни се
Оти со себе на крај не излегуваме
И трае тоа со години
Трае со животи и животи минати
Без да знаеме оти исти сме
Од крв и месо создадени
Со души кршливи како од кристал стокмени
Со потреба за љубов
Со желба за нежност
Со надеж за мир низ денот
Таа
Тој
А сѐ завршува со ТИЕ
И во ТИЕ збрани сите стравови
Од кои веков нагорчува
Во ТИЕ лежат сите победи
Ако заедно сили здружат
Таа
Тој
Секој засебен универзум
Но во ТИЕ сите универзуми испреплетени
А во нив...
Ех, во нив убости и радост
Приказни кои поколенија ќе раскажуваат
Корени од две засебни дрва
Кои удолу еден со друг се обмотуваат
И одат до центарот на земјата
Одат во ТИЕ... во љубов
За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска