Ана Бунтеска: Те чекам
Секогаш кога врне, умов на тебе се навраќа,
не дека сакам, а и не дека можам да спречам,
ете, самиот те пронајде во мене, те извлече,
како магионичар карта, која си ја замислил,
доволно вешто за сиот ден на тебе да замириса.
Токму денес, заглавена во метеж од издишани желби,
заглавена некаде меѓу дождот и солзиве,
како на филмска лента, забавена и црно-бела,
сиот бол кон тебе ми се врати,
толку жив, небаре како стоиш на улица те видов.
И повторно беше ноќ, летна и тешка,
јас облечена во смешна ноќница, излезена од сон,
стојам пред тебе, се џариме еден во друг, дури и трепкањето е грев,
се смешкаш, ми велиш “светат зелено, дури и во темново силно светат”,
а мене во градиве љубовта ме стега.
Точно една педа воздух меѓу нас (некогаш педите се мерка за копнеж),
а ти сета ме обземаш, со поглед оковуваш како на крст,
го душкам воздухот околу тебе, како животно бревтам,
не те познавам, а проклет да си колку добро те знам,
те носам со векови втиснат како белег под левата града.
Една педа-еден чекор и ме лепиш до себе, ме стискаш до бол,
како да можеш во градите да ме сместиш,
а мене ми доаѓа да се насмеам и да ти шепнам “таму сум одамна”,
оти ти ја знам болката, со здивот да ме заробиш сакаш,
да од две-едно стане, од тебе и од мене-ние да создадеш.
Не се сеќавам на многу нешта за тебе, години се минати,
ама уште кога ти го сонам допирот, срцево чука како да ќе излета,
оти беше како себе да се допираш по душата,
како со секое вдишување од сенката да ми крадеше,
како да ми зеде нешто што уште во други го барам.
Ете, уште таа ноќ на дланкиве ја носам
и некаде на вратов, позади, бакнежот жигосан ми седи,
со сите мои мисли за тебе, небово денес се рони,
додека уште мирисот твој во главава ми вие,
дур вечерва боса надвор седам, облечена во истата ноќница...те чекам.
За Женски Магазин, Ана Бунтеска