Ана Бунтеска: Те предизвикувам на двобој
те предизвикувам на двобој
да бидеш она што си
без глумење сила
и без празни муабети
од кои ќе ни се лоши и на двајцата
со душата на мегдан
соголен, угул гол и бос
без лажна храброст
и искривена реалност
најди слики за моите стихови
и себе во нив смести се
убиј го минатото
и џари ѝ се на иднината право в очи
како на животно со беснило пред себе
смеј им се на раните
и барај подлабоки да бидат
стави го срцето на тацна
и сервирај го со скромен прилог
биди свој, кажи дека ме љубиш
а потем кажи дека ми се плашиш
води љубов, како никогаш досега врескај од болка
избегни ја стапицата на секојдневието
избегај од туѓите сенки
а својата гушни ја како дете да ти е
можеш ли слободно да дишеш?
во овој свет во кој сѐ е искривено
во кој животот се слави
а смртта се оплакува
како да не е поразумно обратно да биде
наполни го умот со ветар
а маглата остави ја за друго време
и држи ме за рака додека врне
дур’ не се истопам, дур’ не ме снема
можеш ли?
имаш ли сила за оваа игра
во која победник нема
и ниту еден поразен не излегува
те предизвикувам на двобој
сега и одма
оти сѐ ми се може
а башка што и ми се сака
и колку ми е покусо времето
толку ми е храброста поголема
да те гледам право в очи
и да те предизвикам
да живееш
За Женски магазин, поетеста Ана Бунтеска