Ана Бунтеска: Ти кажав...

Добивај вести на Viber

Ти кажав...


не сум за да ме љуби човек,


проколната од претходен живот,


за гревови кои не можам да ги отплатам,


оти на нив не се сеќавам.



Ти кажав...


сакам се’ она од што другите бегаат,


самотијата во ноќите си ја сакам,


болката во градиве која низ прсти ми излегува,


напишана на неколку пожолтени страници.



Ти кажав...


правам јазли од сите немири,


копам по себе, безмилосно и бесно,


наоѓајќи остатоци од нешто што наликува на мене,


нешто што мислев дека одамна умрело.



Ти кажав...


не допирај ме и не давај да те допрам,


оти душата и низ рацете ми крвари,


згужвана како постела после кошмар,


натопена со солзи кои никогаш не ги исплакав.



Ти кажав...


подалеку од мене,


држи ме подалеку и од себе,


не барам ништо и немам што да ти дадам,


освен она што ќе те остави рамнодушен.



Ти кажав...


жена сум без солзи,


како пресушена река без капка вода,


срцето одамна ми е попатно изгубено,


во градиве ми чука само ехо од мислите.



Ти кажав...


не сум за љубење,


врати ме онаму каде што ме најде,


поштеди се и себе и мене од бол,


оти за љубење во овој живот никогаш и не бев.



За Женски Магазин, Ана Бунтеска