Ана Бунтеска: Ти стокмив песна
Ти стокмив песна
Долга и накитена
Чиниш ко невеста млада и убава
Спремна со руба бела и алтани
Ја доукрасив со светкави зборови
Како монистри навезени
Како подарок за роденден
На некој кој ти е многу важен
Та озгора и машна клаваш
Ти стокмив песна
Во неа јас
И се’ на мегдан извадено
Дури и срам да те фати
Кога угол гол во душата
Пред сите ќе се појавиш
Со надеж оти и тие ко тебе
Некојпат сакале или сакани биле
Ти стокмив песна
Не како претходните
Кои полни бол беа
Ниту како тие пред нив
Кој никој не ги исчитал
Полни црнила и бес младешки
Туку нежна и љубовна
Тивка и питома
Како шепот во ноќта
Како воздишка во чаршав
Како првата голтка чај изутрина
Како пердув со кој по кожа ти врвам
Ете
Ете таква песна ти стокмив
Од која очиве се солзат
И срцево трепери ко побудалено
Та жал ме фати наеднаш
Оти низ веков ко ќе се навратам
Многу малку такви песни сум напишала
Од кои милост извира
Од кои убост во чоек продира
И не се думам повеќе
Ниту сакам да мислам
Дека ваквите песни реткост се
Само така спокојно и тивко во мене се’ е
Оти од нигде никаде ми дојде
Како жед и глад по тебе
Една песна за тебе да стокмам
За Женски магазин, Ана Бунтеска