Ана Бунтеска: Тој и таа
Тој и таа
вовлечени во игра од умови
и заплеткани желби
страст еден по друг
и копнеж од кој како река
истекува сиот нивни бол
заслепени од моментот
во кој тој во нејзините очи се џари
а таа го голта секој негов збор.
Тој и таа
како грне и капаче
еден во друг пикнати
со прстите во утробата
на оној другиот заплеткани
та се мирисаат
и без да се допрат
еден од друг воздух земаат
дур ненаситно не се надишат.
Тој и таа
како огледало во кое
секој во другиот се огледува
и мориња од премолчени стравови
подготвени да препливаат
за во поинаков свет да се најдат
во дом кој како од песок
еден за друг го градат
без на приливот да помислат.
Тој
и таа
со душите сретнати во друг живот
та во овој само повторно се препознаваат
и еден кон друг се приближуваат
како отсекогаш едно да биле
во некое друго време
кога некогаш се љубеле
и не се заситиле.
Тој
подготвен кожата за неа да ја соголи.
Таа
подготвена за него повторно да се роди.
Тој и таа
во свет кој не познава граници
и во кој пишано им било
еден на друг да налетаат
со надеж дека нема да се изгубат.
Тој и таа
тие, љубов моја,
тие двајца го живеат
она што за нас јас го пишувам
и ниту ти – тој си
и ниту јас – таа ќе бидам
оти нам вака не ни било чкртнато.
Ете, само к’смет да се најдеме сме имале
без да ни се насмее небото
за да се изживееме.
Ти – тој.
Јас – таа.
Секој сам по сам
во неколку испишани редови.
Сами и осамени.
За Женски Магазин, Ана Бунтеска