Ана Бунтеска: Трансформација

Добивај вести на Viber

Ме чеша челото,

токму на она место каде што имам лузна од сипаница,

откорната како дете.

Почна една ноќ,

кога сонував дека се чешам

и се разбудив со крв под ноктите.

Утрото исеков дел од косата за да ја покријам раната,

сега имам шишки и велат добро ми стојат,

но  тоа не го решава мојот проблем.

Се чешам дур пишувам,

разговарам на телефон,

додека јадам едната рака ми е на челото,

никако не оставам местото да зарасне,

дури и нокти пуштив за да си олеснам.

Едно утро напипав нешто тврдо под месото,

со големина на зрно пченица

и си реков да појдам на доктор.

Се облеков и тргнав,

ставив ракавици и ги броев чекорите,

само за да не мислам на местото што клука однатре.

По одминати седумстотини дваесет и четири чекори,

ете ме седната на стол кај докторот,

чија пот ја намирисувам и ми се меша со мирисот на болница,

создавајќи ми грч во стомакот.

Вели, не е ништо

ништо страшно, ништо од што се умира

само што...ти расте рог,

ете, се случува некогаш

не често, но знае кај сонувачите да се појави...

Рог?!

Ми расте рог на челото и тоа е нешто што не треба да ме загрижува?!

Има маст, вели сериозно...помага,

ќе го затвори местото и ќе престане чешањето,

но, ќе престанеш и да сонуваш.

Нема да можеш да ги мирисаш боите,

да пишуваш

срцето ќе ти се затвори,

нема да чувствуваш среќа, ниту болка повеќе.

Го гледам вџашено, ја грабам ташната и излетувам,

со срцебиење вдишувам смог и слобода,

ги вадам ракавиците и внимателно се допирам.

Да, ми расте рог...на челото,

се смешкам будалесто,

можеби ќе ме стават и во некоја приказна.

Како одминува времето,

рогот е се’ поголем и поголем,

џабе и шишки за затскривање,

па се врткам пред огледало и од сите страни се гледам,

некако убаво ми стои,

си се бендисувам,

го носам како што се носи накит,

самоуверено и гордо,

а башка и сам по себе е убав,

спирален и бел, ми прилега.

Само што...

одвреме навреме ми се јавуваат лоши мисли,

па се прашувам дали требаше маста да ја земам..

оти некогаш,

но само некогаш,

ми пречи, ме растажува и збунува

кафезот во кој што ме ставија,

иако добро се грижат за мене, замерки немам,

но сепак ме вознемирува гужвата и довикувањето,

небаре никој досега во овој циркус не видел еднорог.


За Женски Магазин, Ана Бунтеска