Ана Бунтеска: Три напред, едно назад

Добивај вести на Viber

Ти и јас секогаш си грешиме

Иако еден на друг само арно си мислиме

Ама ко старите шо велат

Дека патот до пеколот

Со добри намери поплочен е

Така и ние двајцата од љубов си патиме

Оти не знаеме како да се љубиме

Како љубовта која еден за друг ја имаме

Арна да му биде на другиот

Та правиме чекор напред

И таман ќе помислиме дека ни тргнало

Три чекори наназад се враќаме

Та замолчуваме

Ко еден од друг да се криеме

Секој во својот дом ко пештера на животно

Во кој раните си ги лижеме

И полека зацелуваме

Дур разранетите места коричка не фатат

За повторно залет да фатиме

Кон оној чекор напред со кој во прегратка си итаме

За потем чекор назад да направиме

Кога некаде работата ќе ја утнеме

Вториот чекор е кога со зборови се касапиме

А третиот е кога грб си вртиме и заминуваме

Ти и јас во оваа наша игра љубовна

Секогаш на истото камче се сопнуваме

И кога едниот паѓа

И другиот со себе удолу го повлекува

Без да ни текне оти можеби еден ден

Убаво би било да научиме

Рака да си подадеме и некако од удар да се поштедиме

Та и за слабостите да си простиме

Чунки, љубовта поголема од болката треба да биде

Ти и јас

Ех, ти и јас љубов моја

Никако она нашено оро да го научиме

Та да започнеме со три чекори нанапред

И налет

Нека има и еден назад

Ама сепак на крајот во ќар ќе бидеме

Оти некаде ќе стасаме

Колку и полека да ни се чини

Колку и јас нестрплива да сум

И колку и ти недоумици да имаш

Ама пусто

Ништо кај нас лесно не било

Ниту пак едноставно ни одело

Па се тешам

И многу силно посакувам

Чекорите да ни се сменат

И ритамот некако нов да стане

Во кој заедно три напред ќе одиме

Та и оној едниот кој ќе не’ дроби

Мал и ситен да биде

Без голем бол 

Како овој во градиве што го имам

Дур се надевам

Дека сепак начин ќе најдеме

За напред да одиме

Заедно некаде да стасаме

Ти и јас

Јас и ти


За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска