Ана Бунтеска: Твое е само она што ќе го дајш
Како ќе го познајш оти тој е
оној
токму за тебе ко по калап праен
со кој ќе бидиш ниту ден ниту ноќ
туку момент кога денот и ноќта љубов водат
та не знајш по светлината дал осамнува ил се стемнува
дур в сонце не се опулиш?
Како да знајш дал тој твоето грне е
или ти негово капаче дали ќе бидиш?
Ко што вели оној мојон
(што ко огин од мене се плаши)
на чоек на чело не му пиши кој е и што е
ниту му пиши дали арен е
или оти нема од животот пекол да ти стори
ниту, пак, на нечие чело го пиши
името на оној во кој себе ќе се најдиш.
Ете, не можиш
не можиш да знајш кој твојата песна ќе е
ниту ти чиј дом ќе станиш
ако не престаниш со очи да пулиш
и во умот пресметки да правиш
та кантарот за с` спремен да ти биди
и речта да ја мериш
та потем и кој колку на другиот му дал
без да ти текни оти твое е само она што ќе го дајш
ама без да знајш оти даваш
и на душата убо да ти биди
и ко ќе даваш мир да имаш
ко тебе да ти дале
и да го сеќаваш ко тука пред тебе да е
ко рацете на неговото лице да ти сеи усните во неговите да се стопат
а телото да ти јачи од оној сладок бол
дур накај него само ти се лепи.
Како ли само во овој поган свет
некој некого ќе препознај
и толку храбар ќе е
угол гол да застани пред оној
пред кој срцето ко споулавено ти чука
и раслечен му речи: „Еве ме, ова сум, ваков чоек сум“
без глума и покажвање сила
без тешка шминка и одбрана облека?
Токму така,
раслечен од сите формалности
искрен до коска и уплашен ко дете мало
ете така ќе знајш, пиле,
така само ќе знајш кој за тебе е
оти тој што ќе те сака
тој на сиот бол и страв од минатото
пред тебе од студ ќе се треси
ама гол ќе стои за да те побара и твој да биди
за да го видиш
да го познајш
да знајш оти тој твоето второ битисување е.
За цел чоек да си.
За љубов да си.
За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска
Фото: Стојан Стојановски