Ана Бунтеска: Убава жена

Добивај вести на Viber

Нема поубава жена

Од жена која љубена е

Од сама себе најпрво 

Од себе сама најмногу

Која знае како да се чува

И како себеси среќна да се стори

Та да си најди секогаш повод

Да и’ цути лицето

И живеачката убава да и’ биде

Нема поубава жена

Од жена која љубена е

Од оној со кој постела дели

И кој срцето на дланка ќе и’ го дари

Без да мери, без да премерува

Кој ќе знае како насмев да и’ измами

И со поглед еден маката да и’ ја види

Нема и не ќе има поубава жена 

Од жена која знае што сака

И која знае оти заслужува спокој

Која не ќе дава црнила да гледа

Ниту отров да голта

Која до себе ќе држи

И со крената глава ќе чекори

Оти убоста во ликот минува

И кожата ќе огруби

Времето трага ќе остави

И рацете ќе ги остари

Ама убавината во окото не минува

И сиот лик од него свети

Та ти се чини оти најубава е

Како ниедна друга која на земјава се родила

Таквите жени ретки се

Таквите жени алтани се

Тие кои за себе љубов имаат

Тие кои од саканиот љубов примаат

И по одот се познаваат

По насмевката и срцето младешко

Од кое годините само бројка стануваат

Нема поубава жена

Од жена која среќна е

И која среќата за ништо на светов не си ја продава

Ниту за руба свилена ја менува

Ниту за златници од неа се откажува

Оти убавите жени умни се

И знаат оти се’ на светов кратко трае

Освен мирот

Освен тој лековит мир во нивните срца


За Женски Магазин, Ана Бунтеска