Ана Бунтеска: Угоре и удолу
Некојпат чоек угоре е
Та му се чини оти среќата в џеб му лежи
Оти никојпат не ќе пресуши
И ко сонце на лето по патот ќе му свети
Па што и да посака, тука му е
На дофат на рака, на дофат на око
И си се поплукува за да му трае
Да не му фрли некој урок
И да му го зацрни виделото
Ама ете
Некојпат чоек удолу паѓа
Како во бездна, во бунар без вода
И очај тежок го фаќа
Како к’сметот грб да му свртил
И кај некој друг да заминал
Та му иди од кожа да си излези
Сенката да си ја прескокни
Од умот свој да избега
И не знај кој пат да го фати
Дали налево или надесно да киниса
Иако сеедно е, бесцелно е
Некојпат
Некојпат чоек угоре е
Некојпат удолу паѓа
Ама да знај угоре ко е
Рака да подај на оној кој удолу паѓа
Да помогни без чалам
Без збор и без да чека да му се врати
Ете само така, оти чоек е
И оти друг чоек ќе спаси
За матната душата да не му ја однеси
И само тие кои горе се, а долу гледаат
Остануваат луѓе за навек
И надеж даваат оти чоештина има
Та ко ќе се сврти тркалото
И кога оној кој угоре бил, долу ќе се најди
Никојпат осамен и сам не ќе е
И секогаш ќе има кој грб да му биди
Оти чоек бил
Оти не заборавил широк во срцето да биди
Некојпат угоре, некојпат удолу си
Ама кај и да си
Каде и животот да те однеси
Секојпат чоек да си останиш
За Женски Магазин, Ана Бунтеска