Ана Бунтеска: Вечерва...
Ме болат врвовите од прстите вечерва,
ме притискаат однатре,
како канџи од под нокти да ми никнуваат,
ми пулсира мислата дека ќе прокрварат...
И се опседнувам со рацете,
со страв ги гледам,
ги вртам кон светлина,
барам пукнатини,некаков знак...
А сосем обични раце се,
бледи, прошарани со вени,
некогаш треперливи,
ненакитени...
Ме болат коските вечерва,
како да ме бодат, или пак шират,
како друга форма да добиваат,
а не е ниту полна месечина...
И со коските се опседнувам,
ги допирам со тескоба,
како да чекам шилци да ми израснат,
ми ‘ртат чудни форми во умов...
А на допир се истите,
ниту поостри, ниту поинакви,
токму онакви како и секогаш,
мои...
Ме боли матката вечерва,
се стега и опушта,
како да сака да ме изненади со рожба,
како рана отворена...
Умот во неа ми е сега,
си го гледам стомакот,
го гмечам и стискам,
непотребно бол си нанесувам...
А чудно, ништо не напипувам,
празна утробата ми е,
само помислата на неа ме притиска,
како девет месеци тагата да си ја носам...
Мислите ме болат вечерва,
оние тажните,
а сеќавањата на среќните уште повеќе,
ми го гребат черепот и заматуваат погледот...
Ја протресувам главата,
со надеж нешто ќе се избистри,
ги стискам очите толку силно,
што светки пред себе гледам...
Помислувам -добро ќе беше канџи да ми никнеа,
со нив ќе ги откопав мислите,
или ќе ги родев сосе постелка,
па после ќе му ја мислев што да правам со нив...
Вечерва...
Ме боли телото,
чекорот ме дроби,
ме боли постоењето,
ме болиш ти,
се болам јас,
проклетство...ме боли се’ вечерва,
а лажам дека е само вечерва...
Ме боли секој напишан ред,
точките ме болат, а многу ги има,
Вечерва...
повеќе не пишувам...
Вечерва ќе ја оставам болката да ме пие како вино,
закуска од душава ќе и’ приредам...
и постела ќе и’ бидам....
А од утре...запирки наместо точки ставам...
Од утре...се’ ќе е поинаку...ако се разбудам.
За Женски Магазин, Ана Бунтеска